Трамп: Канада ќе плати толкава цена што за неа ќе пишува во учебниците по историја

Американскиот претседател Доналд Трамп повторно се огласи на својата социјална мрежа Truth Social откако објави дека ги удвојува царините за Канада.

„Зошто нашата земја би дозволила друга земја да нè снабдува со струја, дури и за мала површина? Кој ги донесе овие одлуки и зошто? Можете ли да замислите Канада да се спушти толку ниско за да ја користи електриката, која влијае на толку многу невини животи, како договор и закана? Тие ќе платат финансиски цена за ова, толку голема што ќе се чита во учебниците по историја со години!“ рече Трамп.

Зголемени тарифите за Канада на 50%

Трамп денеска ги удвои планираните тарифи за сите производи од челик и алуминиум што доаѓаат во САД од Канада на 50 отсто, како одговор на потегот на провинцијата Онтарио, чии власти денеска објавија дека на американските домаќинства ќе им наплатат 25 отсто повеќе за струја.

Онтарио ги снабдува со електрична енергија државите Њујорк, Минесота и Мичиген и планира да наплати данок од 25 отсто за електричната енергија што се продава во САД, што на владата на оваа канадска провинција ќе и донесе 277.000 долари дневно.

Трамп во објавата на Truth Social напиша дека му наложил на американскиот министер за трговија да ги зголеми планираните тарифи од 25 отсто за дополнителни 25 отсто, а мерката стапува на сила во среда наутро.

„Канада мора веднаш да ги отфрли своите антиамерикански тарифи за земјоделците од 250 до 390 отсто за различни американски млечни производи, бидејќи тоа е срамота. Наскоро ќе прогласам национална вонредна состојба за електрична енергија во погодената област“, ​​напиша Трамп.

Тој, исто така, се закани дека „значително ќе ги зголеми“ тарифите за автомобилите што доаѓаат во Соединетите држави на 2-ри април „освен ако Канада, исто така, не ги укине другите срамотни, долгогодишни царини“.

Реакција од Канада

Премиерот на Онтарио Даг Форд рече дека покраината нема да отстапи откако американскиот претседател Доналд Трамп најави удвојување на тарифите како одговор на извозниот данок на електрична енергија од Онтарио од 25 отсто.

Во интервју за МСНБЦ, само еден час по објавата на Трамп, Форд рече: „Нема да отстапиме. Ќе бидеме немилосрдни“.

Тој потврди дека може целосно да ја прекине струјата што доаѓа од таа канадска провинција во САД.