Американскиот претседател Доналд Трамп вчера изјави дека земјите-членки на НАТО треба да ги соборуваат руските авиони што го нарушуваат нивниот воздушен простор.
Тој исто така рече дека верува оти Украина, со поддршка на Европската Унија и НАТО, може да ја врати целата територија што Русија ја окупирала од почетокот на инвазијата, откако претходно изјави дека и Киев и Москва ќе мора да се откажат од дел од територијата за да се стави крај на војната.
Одложувањето на мировниот процес во Украина од страна на Русија го натера Трамп да го промени својот став кон Москва, објасни во вторник американскиот државен секретар Марко Рубио.
Трамп покажа „огромно трпение“ со надеж дека ќе постигне дипломатски напредок, рече тој.
Но, ова не само што донесе стагнација, „туку сега влеговме во период што личи на ескалација“, додаде тој, осврнувајќи се на најсуровите напади на Русија врз Украина во последните недели од почетокот на војната.
„Сега гледаме и упади на беспилотни летала и авиони во воздушниот простор на соседните земји“, додаде Рубио.
Тој ја предупреди Москва за можни економски санкции и нагласи дека Вашингтон би можел да продолжи да испраќа оружје во Киев.
„Претседателот е многу трпелив човек. Тој е многу посветен на мирот, но неговото трпение не е бесконечно“, рече американскиот државен секретар.
Инаку, Русија ја започна својата инвазија врз украинската држава на 24 февруари 2022 година.