Трамп му се закани на Хамас дека „некој“ би можел да влезе во Газа под покровителство на САД

– Американскиот претседател Доналд Трамп вчера предупреди дека силите кои се „многу блиску“ би можеле да влезат во Газа „под покровителство на САД“ доколку палестинската група Хамас не ги спроведе условите од договорот за прекин на огнот во Газа со Израел.

„Не реков кој ќе влезе, но некој ќе влезе. Тоа нема да бидеме ние. Не мораме. Има луѓе, многу блиску, кои ќе одат и ќе го направат тоа, многу лесно, но под наше покровителство“, изјави Трамп за новинарите во Белата куќа.

Тој порача дека ситуацијата таму се смирила.

„Имаме нивна обврска и претпоставувам дека ќе ја исполнат таа обврска. Се надевам дека ќе го сторат тоа и знам, разбирам дека денес вратија уште неколку тела“, додаде тој.

Лидерот на Хамас во четвртокот ја потврди посветеноста на групата на договорот за прекин на огнот во Газа, велејќи дека тој обезбедува „крај на војната, заштита на нашиот народ од агресија и почеток на реконструкцијата“.

Хамас ослободи 20 живи израелски заложници и ги предаде останките на уште 10 заложници во замена за речиси 2.000 палестински затвореници според договорот за прекин на огнот.

Првата фаза од договорот беше постигната меѓу Израел и Хамас претходно овој месец, врз основа на план претставен од Трамп. Првата фаза вклучува ослободување на израелски заложници во замена за палестински затвореници. Во планот, исто така, се предвидува обнова на Газа и воспоставување нов управувачки механизам без Хамас.

Од октомври 2023 година во израелските напади се убиени речиси 68.000 Палестинци во енклавата, повеќето од нив жени и деца, која во голема мера не е соодветна за живеење.