Трамп: Нашиот договор со Кина е склучен

Доналд Трамп објави дека трговскиот договор на САД со Кина е „завршен“, по разговорите во Лондон оваа недела.

Тој објаснува дека САД ќе имаат пристап до кинески ретки земни минерали и магнети, што неговите претставници го барале.

Во објава на неговата страница Truth Social, Трамп исто така наведува дека односот со Кина е „одличен“.

Потсетуваме дека тој претходно изјави дека преговорите со Пекинг „не биле лесни“.

„Нашиот договор со Кина е завршен и е предмет на конечно одобрување меѓу претседателот Си (Џинпинг) и мене.“

„Магнетите и сите потребни ретки метали ќе бидат обезбедени однапред од Кина. Исто така, ние ќе ѝ обезбедиме на Кина она што е договорено, вклучително и кинеските студенти кои ги користат нашите колеџи и универзитети (што отсекогаш ми се допаѓало!).“

Претходно, САД и Кина соопштија дека во принцип се согласиле за рамка за ублажување на трговските тензии меѓу двете најголеми економии во светот.

Минатиот месец, Вашингтон и Пекинг се согласија на „привремено примирје“ за трговските тарифи, но секоја земја оттогаш ја обвини другата за кршење на договорот.

Договорот е предмет на конечно одобрување од него самиот и од кинескиот претседател Си Џинпинг, рече американскиот претседател, додавајќи дека има намера тесно да соработува со Си за да ја отвори Кина за трговија со САД, опишувајќи ја перспективата како „голема ПОБЕДА за двете земји!!!“.

Претставници од двете страни во вторникот открија дека е постигнат договор за трговија по вториот ден разговори на високо ниво во Лондон.

„Постигнавме рамка за спроведување на консензусот од Женева и повикот меѓу двајцата претседатели“, изјави американскиот министер за трговија Хауард Лутник за новинарите.