Претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, изјави во неделата дека преговорите меѓу Хамас и „земји од целиот свет“ за ослободување на заложниците и завршување на војната во Газа „биле многу успешни и брзо напредуваат“.„Овој викенд беа одржани многу позитивни разговори со Хамас и земјите од целиот свет (арапски, муслимански и други) за ослободување на заложниците, крајот на војната во Газа, но што е поважно – за конечно постигнување на долгоочекуваниот мир на Блискиот Исток“, напиша Трамп на социјалната мрежа Truth Social.
Тој додаде дека техничките тимови ќе се состанат во понеделник во Египет за да ги разработат и разјаснат последните детали.
„Ми беше кажано дека првата фаза треба да биде завршена оваа недела и ги повикувам сите да дејствуваат брзо. Ќе продолжам да го следам овој вековен „конфликт““, рече Трамп.
Тој додаде дека во спротивно повторно ќе има крвопролевање.
„Времето е од суштинско значење, во спротивно ќе има масовно крвопролевање – нешто што никој не сака да го види!“, заклучи Трамп.
Американскиот претседател Доналд Трамп претходно преку СМС-порака за Си-Ен-Ен изјави дека палестинското движење Хамас ќе се соочи со целосно уништување ако се обиде да ја задржи власта во Газа.
Запрашан за оние кои велат дека Хамас ефикасно го отфрлил предлогот на Трамп со тоа што одбил да прифати разоружување и поставил услови за ослободување на затворениците, Трамп напиша: „Ќе дознаеме. Времето ќе покаже!!!“
Хамас постојано повторува дека не сака сам да остане на власт во Газа, но не се согласил на негово целосно разоружување и побарал да игра одредена улога во идната палестинска држава.
Трамп, исто така, одговара со „да“ на прашањето дали премиерот Бенјамин Нетанјаху е подготвен да направи сè што е потребно за мирот да стане реалност.