Американскиот претседател Доналд Трамп ги продолжи за уште една година санкциите против Русија и вонредната состојба воведени во таа земја од администрацијата на неговиот претходник Џозеф Бајден поради заканите од Русија, се наведува во текстот на документот со наслов „Продолжување на вонредната состојба во врска со конкретни злонамерни надворешни активности на Владата на Руската Федерација“, објавен на веб-страницата на Федералниот регистар на САД.
Вонредната состојба во Соединетите држави беше воведена на 15 април 2021 година за „борба против необичната и извонредна закана за националната безбедност, надворешната политика и економијата на Соединетите Американски Држави од гореспоменатите злонамерни странски активности на руската влада“, се наведува во документот.
Оваа уредба неколку пати беше изменета и проширувана од администрацијата на Бајден, а во најновото ажурирање на документот од 10 април, се наведува дека вонредната состојба треба да остане во сила и по 15 април годинава.
Се истакнува дека санкциите против Русија се воведени поради обидот да се „поткопа спроведувањето на слободни и фер демократски избори и демократските институции во САД“ и во земјите кои се сојузници и партнери на Америка.
Исто така, се забележува дека Русија спроведува „злонамерни сајбер активности против Америка и нејзините сојузници“ и користи „транснационална корупција за да влијае на странските влади“.
Исто така, Стејт департментот ја обвинува Русија дека спроведува екстериторијални активности насочени против дисиденти или новинари и ја поткопува безбедноста во земјите и регионите важни за националната безбедност на САД и дека ги прекршува општоприфатените принципи на меѓународното право, вклучувајќи го и почитувањето на територијалниот интегритет на државите.
Американскиот државен секретар Марко Рубио на почетокот на април изјави дека американскиот Конгрес веќе почнал да работи на нацрт-законот за санкции против Русија, кои би биле воведени доколку Москва одлучи да ја продолжи војната против Украина.