Американскиот претседател Доналд Трамп најави нови царини за увоз.
Американскиот претседател Доналд Трамп денес објави дека неговата администрација ќе почне да испраќа официјални известувања до трговските партнери за воведувањето нови царини што ќе стапат на сила на 1 август и ќе се движат од 10 до 70 проценти, во зависност од земјата и категоријата на производи.
Во обраќање пред новинарите, Трамп рече дека веројатно ќе ги донесе сите одлуки за царините најдоцна до 9 јули, пренесува Блумберг.
Новиот царински режим е дел од претходно објавениот априлски план, кој беше привремено одложен за 90 дена за да се отвори простор за трговски преговори.
Тој рок истекува на 9 јули, а американскиот претседател посочи дека нема да има понатамошно продолжување.
Во меѓувреме, САД постигнаа три трговски договори – со Виетнам (официјализирани во среда), како и рамковни договори со Кина и Велика Британија.
Белата куќа сè уште преговара за царини со клучни партнери како што се Европската Унија, Јапонија, Индија и Јужна Кореја.