Претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, изјави дека уште 10 заложници наскоро ќе бидат ослободени од Појасот Газа, но не даде дополнителни детали.
За време на вечерата со пратениците во Белата куќа, Трамп ја пофали улогата на американскиот специјален претставник Стив Виткоф во преговорите за ослободување на заложниците и примирјето , објави Ројтерс.
„Ги вративме повеќето од заложниците. Наскоро ќе имаме уште 10 и се надеваме дека брзо ќе го завршиме тоа“, рече Трамп.
Израелските и преговарачите на Хамас моментално учествуваат во нова рунда преговори за прекин на огнот во Доха, која започна на 6 јули.
САД го поддржуваат предлогот што повикува на 60-дневно примирје и размена на затвореници.
Според нацрт-договорот, Хамас ќе ослободи 10 заложници и ќе ги предаде телата на уште 18 лица, додека Израел за возврат ќе ослободи голем број палестински затвореници.
Портпаролот на вооруженото крило на Хамас изјави дека групата поддржува привремен прекин на огнот, но може да инсистира на „целосен пакет“ доколку не се постигне договор во тековните разговори.