Американскиот претседател Доналд Трамп најави дека денес ќе даде „големо соопштение“ за аутизмот.
„Мислам дека ќе ви биде неверојатно. Мислам дека го пронајдовме одговорот за аутизмот“, рече Трамп на комеморацијата за Чарли Кирк.
Иако не понуди детали за тоа што планира да каже за аутизмот, Трамп рече дека неговата администрација „нема да дозволи ова повеќе да се случува“.
„Мислам дека тоа ќе биде една од најважните прес-конференции што некогаш ќе ги имам и со нетрпение ја очекувам“, рече тој, додавајќи дека верува оти и Кирк со нетрпение би го очекувал настанот.
Се очекува дека соопштението од понеделник ќе го поврзе развојот на аутизмот кај децата со употребата на Тиленол, лек против болки, за време на бременоста, заедно со ниските нивоа на фолна киселина, витамин важен за правилен развој на мозокот и ‘рбетот на бебето, објави „Волстрит џурнал“ претходно овој месец.
Фолната киселина, форма на фолат, позната и како леуковорин, исто така ќе се наведе како начин за намалување на симптомите на аутизам.
Додатоците на фолна киселина веќе се препорачуваат за време на бременоста за да се спречат дефекти на невралната туба, како што е спина бифида, кај доенчиња.
Тиленол, бренд име за генеричкиот лек против болки ацетаминофен, е широко користен во Соединетите Американски Држави, вклучително и за време на бременоста. Здравствените власти планираат да ги предупредат жените да не го користат лекот во раната бременост освен ако немаат треска, објави Вашингтон пост во неделата.
Производителот на Тиленол, Кенвју, претходно овој месец изјави дека започнал „научна размена“ на мислења за ова прашање со претставници на Министерството за здравство и човечки услуги на САД и ги повика бремените жени да разговараат со своите лекари пред да земат какви било лекови што се издаваат без рецепт.
„Ацетаминофенот е најбезбедната опција за ублажување на болка кај бремени жени, по потреба во текот на целата бременост“, соопшти компанијата во недела.
„Без него, жените се соочуваат со опасни избори: да страдаат од состојби како треска кои се потенцијално штетни и за мајката и за бебето, или да користат поризични алтернативи“, додадоа тие.
Факт е, велат тие, дека повеќе од една деценија ригорозни истражувања, поддржани од водечки медицински експерти и глобални здравствени регулатори, потврдуваат дека не постојат веродостојни докази што го поврзуваат ацетаминофенот со аутизмот.
„Ги поддржуваме многуте експерти за јавно здравје и медицина кои ја разгледаа оваа наука и се согласуваме. Ќе продолжиме да ги истражуваме сите опции за заштита на здравствените интереси на американските жени и деца“, се додава во соопштението.
Инциденцата на аутизам во САД е во пораст. Околу едно од 31 деца ќе биде дијагностицирано со аутизам до 8-годишна возраст во 2022 година, во споредба со едно од 36 во 2020 година, според извештајот на американските Центри за контрола и превенција на болести објавен во април.
Постојат две главни причини за зголемувањето, според д-р Кристин Лад-Акоста, заменик-директор на Центарот за аутизам „Венди Клаг“ во „Џон Хопкинс“.
Прво, дефиницијата за аутизам беше проширена од страна на психијатриската заедница во 2013 година, така што сега повеќе луѓе се квалификуваат за дијагноза на аутизам.
Второ, постои притисок за подобар скрининг на децата, особено бебињата, за знаци на аутизам. Тој притисок за зголемена свест за симптомите е придружен со поголемо прифаќање на нарушувањето, така што луѓето не се плашат толку да побараат помош или да бидат идентификувани како аутистични, рече Лад-Акоста во подкастот на Џонс Хопкинс „Јавно здравје на повик“.
Неколку студии ја испитувале врската помеѓу употребата на ацетаминофен за време на бременоста и развојот на аутизам кај децата, но експертите велат дека науката зад оваа теорија не е утврдена.
Студија од 2024 година, објавена во списанието JAMA, опфатила повеќе од 2 милиони деца родени во Шведска помеѓу 1995 и 2019 година, од кои околу 185.000 биле родени од мајки кои користеле ацетаминофен за време на бременоста.
Студијата ги спореди стапките на аутизам кај овие деца со нивните браќа и сестри и со деца кои не биле изложени на ацетаминофен и откри дека употребата на ацетаминофен за време на бременоста не е поврзана со зголемен ризик од аутизам, нарушување на вниманието и хиперактивност или други невроразвојни нарушувања.