“Трамп од Гдањск” победи на изборите во Полска: Во младоста беше “боксер во улични тепачки”

Новиот претседател на Полска ќе биде Карол Навроцки, независен кандидат кој ја имаше поддршката на десничарските партии, објави националната изборна комисија.

Оваа трка беше неизвесна до самиот крај, а според официјалните резултати, Навроки освои 50,89 проценти, или 10,6 милиони гласови.

Од друга страна, центристичкиот кандидат и градоначалник на Варшава, Рафал Тржасковски, освои 49,11 проценти, или 10,2 милиони гласови.

На крајот, оваа изборна трка беше решена со помалку од 400.000 гласови, а по Анджеј Дуда, Полска повторно е предводена од политичар кој има поддршка од конзервативните партии.

Навроцки е историчар и за него ова ќе биде првиот политички ангажман. Досега, тој се фокусираше на антикомунистичката опозиција за време на периодот на комунистичкото владеење над Полска.

Покрај недостатокот на политичко искуство, Навроцки е познат и по учеството во хулигански тепачки, информации што станаа јавни откако ја започна својата кампања.

Навроцки го призна своето учество во овие борби и рече дека тоа биле „фер борби“.

„Сите мои спортски активности се темелеа на силата на моето срце, силата на моите мускули и моите раце“, рече Навроцки, поранешен аматерски боксер.

Навроцки беше „миленик“ на американскиот претседател Доналд Трамп, па дури и го имаше прекарот „Трамп од Гдањск“.

Во многу аспекти, нивните политички пораки се идентични, и поради тоа, тој ја заработи отворената поддршка од Белата куќа. Трамп и неговите соработници постојано отворено им сугерираа на граѓаните на Полска да гласаат за Навроцки.

Оваа победа значи дека конзервативците ќе имаат можност, преку Навроцки, да ги блокираат законите донесени од парламентарното мнозинство предводено од либералните партии и премиерот Доналд Туск, како што направи Дуда за време на неговиот мандат.