Доналд Трамп ги повтори своите закани за НАТО алијансата, велејќи дека нема да ги заштити земјите кои не придонесуваат доволно средства доколку повторно стане претседател, пишува Гардијан
Тој рече и дека другите земји-членки поради тоа „му се смеат на САД“.
На митинг во Јужна Каролина вчера, Трамп рече: „Разговарав за тоа, ако тие нема да платат, нема да ги заштитиме, во ред? Џо Бајден веднаш рече дека тоа е толку страшно и лошо. Не, сметките треба да се платат, а тие не ги плаќаат“.
„Ние плаќаме 200 милијарди долари, а тие 25“
Денеска Трамп ги повтори тие тврдења.
„Земјите на НАТО мора да платат“, рече Трамп.
,,Тие треба да си ги платат сметките. САД даваат 200 милијарди долари, а тие даваат 25 милијарди долари. Нивната економија, кога ќе ги соберете земјите што го сочинуваат НАТО, е приближно еднаква на нашата економија. Значи, ние даваме 200 милијарди долари, а тие даваат 25 милијарди долари, а тоа е многу поважно за нив бидејќи ние и Русија сме разделени со океан“, рече тој.
„Значи, земјите од НАТО мора да платат. Не плаќаат што треба и се смеат на глупоста на Соединетите Американски Држави. Не треба да го правиме тоа. Ни се смеат. Тие мислат дека сме глупава земја поради нашето неспособно раководство“, и го нападна Бајден во таа прилика.
Американскиот Сенат оваа недела одобри помош од 60 милијарди долари за Украина за борба против руската инвазија, што Бајден го поздрави. Но, републиканците кои го контролираат Претставничкиот дом веројатно нема да го одобрат законот.
Минатата недела Трамп предизвика бес кога рече дека ќе ја охрабри Русија да ги нападне членките на НАТО за кои верува дека не придонесуваат доволно финансиски за алијансата.