Трамп постигна трговски договор со Велика Британија: Еве ги деталите

Американскиот претседател Доналд Трамп и британскиот премиер Кир Стармер објавија дека е постигнат трговски договор.

Во своето прво обраќање до медиумите по постигнувањето на договорот, Трамп нагласи дека тоа е првиот „фер, отворен и реципрочно ориентиран трговски договор“ што ќе им користи на американските производители на месо, производителите на етанол и другите извозници.

Британскиот премиер Кир Стармер го нарече овој ден фантастичен и историски.

„Ова е договор што ќе ги заштити британските бизниси и ќе спаси илјадници работни места во Велика Британија, навистина важни, квалификувани и добро платени работни места. Ќе ги отстрани царините за британскиот челик и алуминиум, доведувајќи ги на нула. Ќе обезбеди витални гаранции за нашиот сектор за биолошки науки, кој е толку важен за нашата економија, и ќе им даде на британските земјоделци невиден пристап до пазарот без да ги загрози нашите високи стандарди“, рече Стармер.

Тој нагласи дека договорот ќе ја зголеми вработеноста и трговијата од двете страни на Атлантикот.

Во договорот се наведува дека нема давачки за моторите и деловите на „Ролс-Ројс“ наменети за авиони.

Покрај тоа, 100.000 британски автомобили годишно ќе бидат извезени во САД со задржување на почетна давачка од 10%.

Ќе им се овозможи брза царинска постапка на американските извозници, без бирократски пречки,

Исто така, беше договорен отворен пристап за американските земјоделски производи, вклучувајќи говедско месо и етанол.

Договорот, исто така, вклучува и американски хемиски производи.

Се проценува дека американските извозници ќе добијат дополнителни 5 милијарди долари, додека постојната царина од 10% ќе генерира уште 6 милијарди долари приходи за САД, изјави американскиот министер за трговија Хауард Лутник.