Трамп по средбата со арапските лидери: Ќе ја завршиме војната во Газа

Американскиот претседател Доналд Трамп вчера одржа состанок со лидерите на арапскиот и муслиманскиот свет во рамките на Генералното собрание на ОН во Њујорк, каде што разговараа за завршување на војната во Газа.

Американскиот лидер претходно им изјави на новинарите дека ова е најважниот состанок за него бидејќи, како што рече, „ќе заврши нешто што веројатно никогаш не требало да започне“.

„Сакаме да ја завршиме војната во Газа. Ќе ја завршиме. Можеби можеме веднаш да ја завршиме“, нагласи тој.

На состанокот присуствуваа лидерите на Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати, Катар, Египет, Јордан, Турција, Индонезија и Пакистан.

Трамп рече дека на состанокот учествуваат „сите големи играчи освен Израел, но тој ќе биде следниот“, осврнувајќи се на состанокот закажан за следната недела со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во Белата куќа.

Американскиот лидер го пофали говорот на индонезискиот колега Прабово Субианто пред Генералното собрание, во кој Субианто рече дека мирот бара гарантирање на безбедноста на Израел.

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган ја опиша средбата со Трамп како „многу плодна“. Ердоган рече дека од средбата ќе биде издадено заедничко соопштение и дека е „задоволен“ од резултатите, но не даде дополнителни детали.

Обединетите Арапски Емирати објавија дека состанокот се фокусирал на прекин на тековната војна во Газа и постигнување одржлив прекин на огнот.

Исто така, беше објавено дека приоритет е ослободување на сите заложници и преземање чекори за решавање на хуманитарната криза во оваа енклава разорена од војна.