Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека рускиот претседател Владимир Путин му се јавил и му понудил помош за решавање на конфликтот меѓу Иран и Израел, објави „Фокс њуз“.
„Како што знаете, Владимир ми се јави. Ме праша дали може да ни помогне со Иран? Јас реков: „Не, не ми треба помош со Иран. Ми треба помош со вас“. И се надевам дека можеме да постигнеме договор со Русија. Шест илјади војници загинаа минатата недела“, им рече Трамп на новинарите пред патувањето на самитот на НАТО.
Хаг е домаќин на самит на кој американскиот лидер треба да се сретне со украинскиот претседател Володимир Зеленски. Трамп повтори дека би сакал да „види договор со Русија“. Русија ги продлабочи воените и политичките врски со Техеран од почетокот на војната во Украина, а Иран ѝ испорача на Москва илјадници дронови за напад од типот „Шахед“ и балистички ракети со краток дострел.
Русија ја изгради иранската нуклеарна централа Бушер на југот на земјата и продолжува да учествува во нејзиното одржување. Путин минатата недела изјави дека околу 200 руски експерти моментално се наоѓаат во централата и му се заблагодари на Израел што се согласи да ја гарантира нивната безбедност.