Американскиот претседател Доналд Трамп повторно го критикуваше рускиот претседател Владимир Путин.
„Она што Владимир Путин не го сфаќа е дека да не бев јас, многу лоши работи веќе ќе ѝ се случеа на Русија, мислам НАВИСТИНА ЛОШО. Тој си игра со оган“, напиша Трамп на Truth Social.
Ставовите на Трамп за Путин варираат од почетокот на неговиот мандат. Иако повремено изразуваше остри критики и размислуваше за санкции, тој зборуваше и за можноста за намалување на трговските бариери и влез на американски инвестиции во Русија.
Но, во неделата тој беше невообичаено остар.
„Го познавам долго време, отсекогаш сме имале добри односи, но сега тој испраќа ракети во градовите и убива луѓе и тоа воопшто не ми се допаѓа. Во моментов, тој испраќа ракети во Киев и други градови. Тоа воопшто не ми се допаѓа“, рече Трамп тогаш.