Трамп: Разочаран сум од Путин, му го скратувам рокот за 50 дена

Претседателот Доналд Трамп изјави денес дека е разочаран од рускиот претседател Владимир Путин и дека го скратува рокот од 50 дена што ѝ го даде на Русија поради војната во Украина, пишува CNN.

„Разочаран сум од претседателот Путин, многу разочаран од него“, изјави Трамп пред новинарите пред средбата со британскиот премиер Кир Стармер во Шкотска. „Ги скратувам тие 50 дена што му ги дадов на помал број.“ 

Тој не откри кој е помалиот број. Сепак, бидејќи веќе поминаа две недели откако го даде рокот од 50 дена, тоа значи дека тој број треба да биде помал од преостанатите 38 дена. 

Трамп рече дека многу разговарал со Путин, додавајќи: „Имавме дискусии“.

Американскиот претседател пред две недели објави дека му дал на Путин 50 дена да постигне договор со Украина пред да се соочи со последиците.

,,Ќе воведеме многу високи царини ако не постигнеме договор за 50 дена“, рече Трамп во тоа време.

„Царини од околу 100%, би рекле дека се секундарни царини. Знаете што значи тоа.“

Што значи рокот од 50 дена и кога е поставен?

На 14 јули, за време на состанокот во Овалната соба со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, Трамп вети дека ќе воведе строги царини за трговските партнери на Русија доколку Путин не успее да постигне договор со Украина.

Американскиот претседател изјави дека ќе воведе 100% секундарни царини ако не се постигне договор во рок од 50 дена.

Ова значи дека секоја земја што продолжува да тргува со Русија ќе мора да плаќа високи даноци за да може да ги продава своите производи во САД, објасни бизнис новинарот Дирбејл Џордан. Иако Русија веќе се соочува со широко распространети санкции на Западот, таа сè уште тргува со голем број земји, вклучувајќи ги Индија и Кина.