Јапонија е подготвена да ги поддржи нискобуџетните американски лунарни мисии, објави шефот на јапонската вселенска агенција JAXA, откако американската влада предложи намалување на буџетот на НАСА за шест милијарди долари, што би можело да влијае на опстанокот на програмата „Артемис“, која имаше за цел да ги врати луѓето на Месечината.
Познато е дека американската програма „Артемис“, започната за време на првиот мандат на претседателот Доналд Трамп, а од партнери, меѓу кои се Јапонија, Европската вселенска агенција (ЕСА) и Канада, прерасна во проект од повеќе милијарди долари со цел враќање на астронаутите на Месечината за прв пат од 1972 година.
„Доколку САД разгледуваат подобра алтернатива во однос на буџетот или економијата, треба да одговориме на тоа“, рече претседателот на Јапонската агенција за вселенски истражувања (JAXA), Хироши Јамакава.
Трамп го презентираше својот предлог за буџет за НАСА на почетокот на мај, објавува „Телеграф“.
Тоа речиси би го преполовило буџетот на агенцијата и би ги пренасочило истражувачките програми кон истражување на Марс со „поекономични“ ракети и вселенски летала.
Јапонија минатата година потпиша договор со НАСА што ќе вклучува двајца јапонски астронаути и еден ровер за идните мисии на површината на Месечината.
И додека Трамп и јапонскиот премиер Шигеру Ишиба потврдија партнерство за мисиите „Артемис“ во февруари, предлогот за буџет сугерира дека НАСА би можела да ја затвори „Гејтвеј“, планираната меѓународна вселенска станица што би била распоредена во близина на Месечината на четвртата мисија „Артемис“.
НАСА соопшти дека компонентите на Гејтвеј, кои веќе се произведени, би можеле да се користат повторно за други мисии и дека „меѓународните партнери ќе бидат поканети да се приклучат на овој обновен напор“.
Се известува дека JAXA, заедно со ESA, го изградиле модулот за сместување на луѓе на Гејтвеј и имале намера да го користат за товарниот брод HTV-X за снабдување на станицата.
Инаку, генералниот директор на ESA, Јозеф Ашбахер, минатата недела изјави дека „сè уште има некои прашања за последиците“ од предлогот за буџетот на Трамп и дека ESA одржува дополнителни состаноци со американската вселенска агенција.
Јамакава одби да го оцени предлогот за буџет на НАСА и рече дека ќе соработува со јапонската влада за да бара дијалог со нејзината американска колешка за да се продолжи со зајакнување на меѓусебно корисна соработка во вселената.