Трамп ја започнува повеќедневната посета на Заливот, а првата станица ќе биде Саудиска Арабија

Претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, денес пристигнува во Саудиска Арабија, започнувајќи четиридневна посета на регионот на Персискиот Залив , за време на која фокусот ќе биде ставен на економските договори.

Трамп, придружуван од истакнати американски бизнисмени, меѓу кои директорот на Тесла и неговиот советник Илон Маск, директорот на „БлекРок“ Лари Финк и директорката на „Ситигруп“ Џејн Фрејзер, прво ќе престојува во Ријад, каде што се одржува американско-саудискиот инвестициски форум, објави Ројтерс.

За утре е планирана посета на Катар, а во четврток на Обединетите Арапски Емирати.

Според извори на Ројтерс, за време на престојот во Ријад, Трамп би можел да ѝ понуди на Саудиска Арабија пакет оружје вреден повеќе од 100 милијарди долари, вклучувајќи авиони Ц-130.

Се очекува и најава за инвестиции, кои би можеле да достигнат вкупно неколку милијарди.

Веќе во јануари, Саудиска Арабија вети 600 милијарди долари инвестиции во САД во следните четири години, но Трамп најавува дека ќе побара дури 1000 милијарди долари.

Извори наведуваат дека темата за нормализирање на односите меѓу Саудиска Арабија и Израел нема да биде дискутирана за време на посетата, „и покрај фактот дека тоа е една од клучните цели на Трамп во регионот“.

Неговиот пратеник за Блискиот Исток, Стив Виткоф, минатата недела изјави дека очекува наскоро напредок во проширувањето на Абрахамовите договори, кои ги потпишаа Обединетите Арапски Емирати, Бахреин, Судан и Мароко за време на првиот мандат на Трамп, со кои се признава Израел.

Сепак, отфрлањето на трајното примирје во Газа од страна на Израел и создавањето палестинска држава го попречува напредокот во преговорите со Ријад, истакнува Ројтерс.

Трамп објави дека би можел да отпатува и во Турција во четврток, за евентуално да присуствува на состанокот меѓу претседателот на Русија Владимир Путин и претседателот на Украина Володимир Зеленски, но одлуката сè уште не е донесена.

Посетата на Блискиот Исток е второ меѓународно патување на Трамп откако повторно стана претседател на САД, откако претходно присуствуваше на погребот на папата Франциск во Рим.

Во делегацијата се наоѓаат државниот секретар и советник за национална безбедност Марко Рубио, како и министерот за одбрана Пит Хегсет.

За време на престојот во Катар, се очекува кралското семејство да му подари на Трамп авион „Боинг 747-8“, кој би бил опремен за употреба како претседателски авион.

Трамп планира да го донира авионот на својата претседателска библиотека по завршувањето на неговиот мандат.