Саудиска Арабија привлекува се повеќе фудбалски ѕвезди, но најголемиот трансфер годинава сепак треба да се случи во Европа. Според информациите кои ги објави Sport Bild, Реал Мадрид ќе се обиде да го доведе Килијан Мбапе до крајот на летниот преоден рок.
Францускиот напаѓач одби да го продолжи договорот со Пари Сен Жермен, со кој е врзан само уште една година. Тоа би значело дека следното лето може да замине бесплатно, а ваквото сценарио не би им се допаднало премногу на катарските сопственици на парискиот клуб.
Sport Bild тврди дека шпанските гиганти ќе чекаат до самиот крај на преодниот рок, односно до 1. септември за да избегнат „покер игра“ и да го стават под притисок ПСЖ.
Најверојатно понудата од „Сантиаго Бернабеу“ до „Паркот на принцовите“ ќе биде испратена на 29. или 30. август и би требало да изнесува 120 милиони евра, според планот кој го смисли раководството на Реал Мадрид.
Неодамнешните извештаи од Франција сугерираат дека ПСЖ би сакале да го задржат Килијан Мбапе уште една година, под услов тој да го продолжи договорот во кој ќе биде вклучена клаузула која ќе му овозможи да замине во Реал Мадрид следното лето. Сепак, ваквото чекање не би било премногу вредно за Реал Мадрид, особено ако се земе предвид дека се уште нема донесено вистинска замена за Карим Бензема, кој замина во Саудиска Арабија.