Трајков: Владата останува посветена на европските вредности и владеењето на правото

Заменик министерката за европски прашања, Викторија Трајков, присуствуваше на работилницата „Презентација на нацрт-упатствата со методологијата за вклучување на антикорупцијата во поглавја/кластери,“ која се одржа денеска во Владата.

Во своето обраќање, заменик министерката Трајков ја истакна важноста на методологијата за вклучување на антикорупциските политики во преговарачкиот процес со Европската Унија.

„Преку вакви иницијативи, ја докажуваме нашата цврста посветеност на транспарентноста, отчетноста и владеењето на правото како темелни европски вредности. Антикорупциските мерки не се само обврска во процесот на преговори со Европската Унија, туку и суштинска потреба за подобрување на животот на граѓаните и за враќање на довербата во институциите,“ изјави Трајков.

На работилницата беа презентирани нацрт-насоките кои ќе послужат како основа за идната работа на институциите, со посебен акцент на прекуграничната соработка и усогласување со европските стандарди. Присутните дискутираа за предизвиците и можностите за примена на предложената методологија, како и за значењето на континуираната поддршка од меѓународните партнери.

На настанот беа присутни претставници од јавниот сектор, граѓанското општество, меѓународни организации и експерти, кои ја потенцираа важноста на борбата против корупцијата како темелна основа за успешен пристапен процес кон Европската Унија.

Заменик министерката Трајков изрази благодарност до сите учесници за нивниот придонес и истакна дека Владата останува посветена на воспоставување интегриран и сеопфатен систем за борба против корупцијата, кој ќе го унапреди демократското функционирање на институциите и ќе го забрза европскиот пат на државата.