Телото на мртва жена е пронајдено во стомакот на џиновски питон на полуостровот Сулавеси во Индонезија, соопшти полицијата во средата, што е втор ваков случај во провинцијата Јужен Сулавеси за еден месец, објави Џакарта пост.
36-годишната Сиријати исчезнала во вторникот наутро откако го напуштила својот дом за да купи лекови за своето болно дете, соопшти полицијата.
Семејството ја известило полицијата за исчезнувањето, а сопругот на Адијанса (30) набрзо ги пронашол нејзините влечки и панталони на земја, на околу 500 метри од нивната куќа во селото Ситеба.
– Набргу потоа виде змија, на околу 10 метри од патот – изјави за AFP шефот на локалната полиција.
Началникот на селото рече дека Адијанси веднаш се посомневал кога го видел „огромниот стомак на питонот“.
Ги повикал селаните да му помогнат да го отсече стомакот од кој го извлекле безживотното тело на неговата сопруга.
Ваквите инциденти се сметаат за многу ретки, но се случило во последните години неколку луѓе да бидат проголтани од питон.
Жена беше пронајдена во стомакот на мрежест питон минатиот месец во друга област на Јужен Сулавеси.
Минатата година жителите на покраината убиле питон долг осум метри, кој бил пронајден како дави и голта еден од фармерите од селото.
Питоните се меѓу најголемите змии во светот и можат да бидат долги до 10 метри.