Новогодишната кошничка траеше еден месец и со истата беа опфатени речиси 1200 производи од 96 производители. Следната се најавува за на пролет, во пресрет на празниците Рамазан и Велигден. Сепак, многумина граѓани се жалат дека кошничката не дала добри резултати бидејќи повторно имало злоупотреби од страна на трговците и цените повторно биле високи. Оттаму и се поставува прашањето- ако граѓаните се незадоволни и сметаат дека се изманипулирани со претходните кошнички, тогаш зошто би биле потребни нови.
ММС разговараше со универзитетскиот професор од Виенскиот институт, Бранимир Јовановиќ, кој смета дека и новогодишната кошничка, и есенската пред неа, повеќе направија штета отколку корист. според Јовановиќ додека беа на сила, тие малку ги намалија цените на производите кои беа вклучени во кошничките, ама пред да стапат на сила, фирмите ги кренаа цените, а исто така и откако завршија кошничките.
„На крајот, граѓаните завршија со повисоки цени отколку пред кошничките. Според податоците на Сојузот на синдикати, на едно четиричлено семејство во јануари му требале 63.300 денари за да преживее, а во септември, пред да се воведе првата кошничка, му требале 61.300. Ова зголемување од 2.000 денари за четири месеци воопшто не е наивно. Слично е и со податоците на Заводот за статистика – во септември, инфлацијата изнесуваше 2.6%, во декември таа забрза на 4.4%“, вели професор Јовановиќ.
Тој објаснува дека единствен начин да се намалат цените е ако државата ги замрзне.
„Државата треба да пропише, на пример, дека лебот не смее да се продава по цена повисока од 30 денари, и ова стои на сила подолго време, на пример пола година. Ова се направи во неколку наврати изминатите 2-3 години, и искуството покажа дека имаше ефекти. Меѓутоа, јас не сум поддржувач на замрзнувањето на цените во овој момент. Мислам дека тоа беше исправна мерка пред 2 години, кога имавме двоцифрена инфлација и цените интензивно растеа, но не и сега. Сега, кога инфлацијата се сведе на околу 3%, нема потреба од такво нешто. Сега владата треба да се фокусира на покачување на примањата на луѓето. Има една изрека – не се цените високи кај нас, платите се ниски, и мислам дека тоа најдобро ја опишува моменталната ситуација“, дециден е тој.
Откако е дојдена новата влада, просечната плата во Македонија во јуни е зголемена за само 60 денари, минималната плата не е зголемена ни денар, а минималните трошоци за живот на едно четиричлено семејство се зголемени за 3.000 денари.
„Владата упорно одбива да ја покачи и минималната плата, и платите во јавниот сектор, веројатно под влијание на бизнис заедницата, кои се единствените кои профитираат од оваа ситуација. Во однос на кошничките, владите кои истите ги прават до државата се популистички. Но, тука мислам дека има и еден друг момент. Владата упорно одбива да ги покачи платите, уште на почетокот најавија дека нема тоа да им биде фокусот, пробуваат да најдат изговори зошто прават така, дека демек повисоките плати генерирале инфлација што е отприлика како да се каже дека цените во супермаркетите се високи поради платите на продавачките“, рече професор Јовановиќ.
Тој појаснува дека е очигледно дека граѓаните се незадоволни, па за да се види дека нешто работат, ја воведоа кошничката се со цел да можат да кажат дека нешто пробуваат.
„Никој не очекува тие да даваат бесплатно храна на сиромашните. Вие како политичари не смеете да им давате поводи тие да ги креваат цените до небо, а владата го направи токму тоа со овие кошнички. Затоа, мислам дека е крајно време да сфатат дека кошничките се контрапродуктивни во моментов, да престанат со нив, и наместо тоа, да се фокусираат на растот на платите“, кажа тој.
За тоа што прават соседните земји или земјите од ЕУ за намалување на цените на производите, Јовановиќ вели дека во Западна Европа нема вакви слични мерки, од проста причина што луѓето трошат многу помалку на храна.
„Ако во Македонија околу 40% од семејниот буџет оди за храна, во ЕУ тоа е само 15%. Во ЕУ поголем проблем се енергенсите како струја, гас, парно и кириите, и затоа многу држави ги ограничија овие цени уште пред неколку години. Ама не само на месец дена, туку на многу подолго, на две-три години. Некои од нив уште ги држат замрзнати. Друга интересна споредба со ЕУ во овој поглед е што во супермаркетите тука има многу често акции, на кои цените се намалени некогаш и за 50%“, изјави Јовановиќ.
Тој вели дека многу од поскапите производи, како на пример прашок за перење, луѓето ги купуваат исклучително на акции.
„Интересно е и тоа што кога еден супермаркет ќе стави некој производ на акција, и другите веднаш го прават истото. Тука постои конкуренција, супермаркетите се натпреваруваат кој ќе даде пониска цена, за да привлечат купувачи. Во Македонија супермаркетите се натпреваруваат кој повеќе ќе ги качи цените.
Друг многу интересен тренд, од Хрватска, е што граѓаните сами почнаа да се организираат – почнаа да ги објавуваат супермаркетите кои ги кренаа цените до небо, и да ги бојкотираат. Ова е особено актуелно деновиве, иако всушност почна уште пред 2 години. Можеби е време и во Македонија некој да почне да го прави ова, кога е веќе очигледно дека ни на политичарите, ни на бизнисмените, не им е гајле за луѓето“, потенцираше тој.
Покрај новогодишната кошничка, професорот Јовановиќ објасни како функционира синдикалната минимална кошничка и што значи тоа.
„Таа пресметува колку пари му требаат на едно четиричлено семејство за да преживее еден месец, односно за да ги задоволи своите основни потреби. Таа вклучува трошоци за храна и пијалаци, облека и обувки, струја, вода и греење, лична хигиена и хигиена во домот, здравје, образование, транспорт, комуникации, рекреација и угостителски услуги. Сите овие категории се вклучени со износи кои се минимални за да се издржи месецот. На пример, за угостителски услуги, односно народски кажано искачање, кошничката има 4.100 денари, што по член на семејството е 1000 денари месечно, односно 35 денари дневно, што е пиење едно кафе или сок секои три дена. Најголема категорија во кошничката е храната, која е околу 23.000 денари (37% од вкупните трошоци), што е помалку од 200 денари дневно по човек“, објаснува професор Јовановиќ.
Иако оваа кошничка е доволна да ги покрие само основните потреби, две минимални плати не се доволни за да ја покријат неа. Со други зборови, семејство со двајца вработени кои земаат плати околу минималната (која сега изнесува 370 евра), не може да ги задоволи ни овие елементарни, односно – гладува. Затоа и сиромаштијата во државата сѐ уште изнесува околу 25% и не се намалува.
„Затоа и толку истакнувам дека мора да се покачи минималната плата, и предлогот за кој јас се залагам е минималната плата да се постави на 50% од минималната кошничка. Ни тоа нема да биде којзнае што, ама барем ќе ја ублажи малку сиромаштијата. Во регионот, вакво нешто има во Србија каде исто така се пресметува потрошувачка кошничка, со тоа што тоа таму го прави Министерството за економија а не синдикатот, и минималната плата таму е околу 50% од кошничката. Ако може Србија, зошто да не може Македонија?“, заклучи тој.