На почетокот на наредната недела можно е да се дефинира што и како ќе се случува со платите на вработените во јавниот сектор, за колкав процент ќе пораснат, како и за исплатата на регресот за годишен одмор. Има посериозни доближувања на нашите барања и она што може да го понуди Владата, изјави денеска претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија, Слободан Трендафилов, по средбата на работната група на Економско социјалниот совет во Министерството за финансии.
Договорено е да имаат уште една средба во понеделник, а дотогаш тие да се консултираат со нивните органи и тела и да одлучат дали тоа што го дискутирале денеска е прифатливо за синдикатите и јавниот сектор, а Владата да направи дополнителни пресметки врз основа на денешните дискусии.
– Сметаме дека на ваков начин можеме да дојдеме до заедничко решение за многу кратко време, односно во текот на почетокот на наредната недела да имаме дефинирано што и како ќе се случува со платите на вработените во јавниот сектор, за колкав процент ќе пораснат, како и за исплатата на регресот за годишен одмор, исто така е важно прашање за вработените во јавниот сектор, нагласи Трендафилов.
Тој исто така најави дека од МФ очекуваат да ги направи дополнителните пресметки уште во текот на денов и да ги сподели со нив за да можат да донесат соодветни одлуки.
Прашан за коментар на тоа владини претставници беа изненадени за тоа дека 14,2 проценти треба да биде параметар за покачувањето на платите што претходно го испорача синдикатот и што се случило денеска толку различно, тој одговори дека политичарите мораат да дадат политички изјави, и оти тие имаат разбирање за таквите изјави.
– Сметаме дека треба да продолжиме и дека во понеделник евентуално да имаме конечно решение во поглед на растот на платите на вработените во јавниот сектор. Битно е да се знае дека и ние вработените треба да бидеме задоволни од зголемувањето на платите во јавниот сектор, како и од висината на регресот за годишен одмор и битно да се знае дека владините претставници денеска на состанокот имаа разбирање за нашите барања, изјави Трендафилов.
На прашање дали се доближени до процентот на зголемување од 14,2 проценти тој рече дека останува да се види дали и кој параметар ќе биде земен во начинот на пресметката на платите и сите вработени во јавниот сектор од септември да добијат исто зголемување во процент на нивните плати.
– Се доближуваме до тоа што ние го зборуваме. 14,2, 12,55 проценти, 10,9 проценти како основа врз основа на која ќе растат платите на вработените во јавниот сектор. Без оглед на тоа дали одредени плати на вработените изминатиот период пораснале за некакво процент или за некаков износ, тоа значи дека септември добиваат зголемување на платите во јавниот сектор кој ќе го договориме и ќе го финализираме во понеделник, додаде претседателот на ССМ.