Трендафилов: Креирањето на официјална потрошувачка кошница е обид за незголемување на платите

Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, денеска по завршувањето на седницата на Економско-социјалниот совет рече дека креирањето на официјалната потрошувачка кошница е обид за незголемување на платите.

Според Трендафилов, минималната синдикална кошница ги отсликува реалните потреби на едно четиричлено домаќинство и ССМ и стои на располагање на државата ако има потреба, да и пренесе дел од своите знаења во однос на пресметките.

-ССМ ќе продолжи да ја пресметува минималната кошничка која се покажа како единствен релевантен податок. Ако грешката е што во неа се ставени сеознски овошја, еден газиран и еден густ сок или хамбургери за децата, тогаш може слободно да направат нова методологија и нова пресметка. Веројатно сите сакаат да станат синдикалци. Она што го критикуваат во нашата кошница е минимално пресметано, 25 грама цреши денеска можеме да поделиме со семејството, една чаша кока-кола и една чаша сок од портокал. Со 730 денари во текот на денот не може да купите ни четири бурека ни четири јогурти, а не за појадок, ручек и вечера. Сепак, стоиме на располагање за да пренесеме дел од нашите знаења ако државата или Државниот завод за сатистика смета дека треба да направат некакво унапредување. Но, ќе потсетам, и денеска статистика пресметува близу 230 производи во нивната кошница кои се далеку понереални: ананас, јагоди, ореви, бадеми,… Она што ССМ го прави од 2010 година било и ќе биде критикувано од сите влади, но ако разговорите преминат од фаза на дискусија и идеи во фаза дека ќе ни докажат дека можеме да преживееме со далеку помалку, можеби ќе треба да се пресмета просечна кошница која ќе биде над 2 000 евра, која ќе ги отсликува реалните, а не минималните потреби, само тоа нема да им се допаѓа ни на Владата, ни на работодавачите- рече Трендафилов.