Претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија, Слободан Трендафилов, во емисијата „Трилинг“ вели дека во моментов одредени политички играчи се обидуваат да направат упад во Синдикатот, нешто што е недозволиво.
„Упадот се прави со политичка наредба и тоа се пресликува на локално ниво. Нив треба повеќе да ги загрижува што на локално ниво имаат избори за 5 месеци. Се соочуваме со притисоци од политички играчи со цел да помогнат на друг Синдикат кој е против зголемување на платите, кој сака да го укине општиот колективен договор и кој и ветува на Владата дека ќе прифати се што ќе каже таа“, вели Трендафилов.
Трендафилов додаде дека ССМ неколкупати штрајкувал за време на претходната власт и дека актуелната ќе го почувствува незадоволството на локалните избори доколку продолжи со актуелната политика на игнорирање на синдикалните барања.
Во меѓувреме ВМРО-ДПМНЕ и натаму продолжува со секојдневните напади насочени кон ССМ и за синдикалната организација сметаат дека „веќе нема кредибилитет“, откако од таму беше побарана минимална плата од 500 евра.
-Слободан Трендафилов, подолг период не ги одразува идеите и потребите на работниците, туку на СДС. ВМРО-ДПМНЕ обелодени дека Трендафилов бил на состаноци со СДС и дека е во постојан дослух со нив и со Левица, а СДС излезе и призна. Сања Лукаревска од собраниска сала за прес-конференции јасно кажа дека се гледале со Слободан Трендафилов. Сите барања на ССМ, се политички и ги следат тезите на СДС“, рече пратеникот Бране Петрушевски.