„Родовата еднаквост е борба за сите нас, таа не признава политичка припадност“, вели министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска во интервју за Студио 10 на ТВ 24.
Таа потсетува дека денеска прв пат во историјата на Собранието ќе се одржи пленарна седница посветена на успесите и неуспесите во делот на родовата еднаквост во последните 20 години.
„Ќе се одбележи и 20-годишнината од основањето на Клубот на парламентарки. Пратеничките се оние кои се изборија да се одржи ваква седница, на која ќе се зборува за положбата на жените во државата, за тоа каде бевме и каде сме со цел да имаме повеќе права“, вели министерката.
Таа истакнува дека во моментов има 51 жена од 120 пратеници или 42 отсто што е над европскиот просек, но додава дека не можеме да се пофалиме со успех на застапеноста на жените во извршната власт, во која има само пет министерки и две заменички. Во локалната самоуправа во советите, пак, вели министерката, има добри резултати, но разочарувачки е бројот на градоначалнички, само две од 81 општина.
Тренчевска појаснува дека ова е резултат на квотата за правична застапеност на жените или афирмативна акција. Министерката додава дека се покажало оти квотата е нужна, затоа што кај нас се уште нема свест за родова еднаквост.
„Апсолутно треба да се стремиме жени да бидат на највисоките функции вклучително и за првпат да имаме жена претседателка на државата“, вели Тренчевска.
Во интервјуто се осврнува и на говорот на омраза кон жените, кој како што вели, е многу раширен во државата.
„За тоа придонесуваат социјалните мрежи каде луѓето можат да си кажат се што сакаат. Мене лично повеќе ме повредува кога атакуваат врз моето семејство, отколку кога изнесуваат квалификации за мене лично. Жени кога ќе влезат во политиката имаат расчистено со тоа дека ќе бидат предмет на родови напади“, нагласува министерката за труд и социјална политика.
Таа вели дека креаторите на политики, функционерите и администрацијата треба да биде на терен за да имаат увид во вистинската состоба.
„Не е само да се обезбеди социјална заштита на загрозените лица и семејства, ние мораме да се посветиме и на менталното здравје и економското јакнење на жените“, ја појаснува Тренчевска целта на Карванот за родова еднаквост