Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска денеска во Охрид го посети Центарот за рана интервенција и третман на деца со аутистичен спектар и атипичен развој „Во мојот свет“ во рамките на Општата болница во Охрид. Овој центар спроведува мултисензорна терапија и претставува прв ваков во регионот. Во центарот има вработено како стручен тим: логопеди и дефектолози кои спроведуваат дефектолошки и логопедски третмани за деца како и сензорна терапија.
Тренчевска беше пречекана од страна на Ангела Чингоска која е дипломирана Специјална едукаторка и рехабилитаторка која работи во центарот веќе четири години односно од почетокот на неговото отворање. Таа ја информираше министерката дека во центарот моментално се спроведува третмани на вкупно 124 деца. Ангела ја искажа својата загриженост дека бројот на деца кои имаат потреба од ваква терапија секојдневно се зголемува, но истакна дека тоа и на некој начин охрабрува затоа што се подигнува свеста на родителите и се повеќе бараат помош од страна на стручните лица.
Вработената при непосреден разговор со Тренчевска го објасни и Неурофидбекот како терапија, која е достапна во центарот. Тоа е терапија која се заснова на следење на мозочната активност и добивање повратна информација, односно фидбек. При што се влијае на внатрешните регулаторни мрежи на мозокот и со тоа зголемувајќи ја мозочната пластичност. Ангела информираше дека неурофибекот е комплементарен третман на дефектолошкиот и логопедскиот третман, при што взаемно водат кон подобри резултати во целокупниот психомоторен развој кај детето.
Тренчевска имаше прилика да помине време и да се запознае со децата кои го посетуваат центарот.