Во 2022 година, идентификувани се девет жртви на трговија со луѓе од кои осум женски и едно машко лице. Најголем број од нив, се деца – седум на возраст од 14 до 17 години. Според видот на експлоатацијата, во најголем број од случаите се идентификувани како присилен брак – шест лица, а две се идентификувани како сексуална експоатација од кои едниот случај е онлајн експлоатација. Годинава, три девојчиња биле цел на сексуална експлоатација, информира министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска на денешната регионална конференција посветена на спречувањето и борбата против трговијата со луѓе.
Според министерката, мора подобро да се заштитат и да им помогне на жртвите. Посочи дека постојат повеќе услуги за поддршка на жртвите, регулирање на нивната состојба и помош за нивно закрепнување. Центарот за жртви на трговија со луѓе соодветно функционира со целосен капацитет за згрижување на шест лица.
-Трговијата со луѓе претставува сериозна повреда на човековите права и претставува закана за слободите и безбедноста на секое општество. Нашата држава и земјите во регионот често играат улога во секоја од фазите на трговијата со луѓе, како земја на потекло, транзит или дестинација. Би сакала да ги изразам искрените поздрави до земјите во регионот, да ја истакнам потребата од заедничка, обединета акција против трговијата со луѓе која е транснационален организиран криминал. Потребна е заедничка акција во која ќе се фокусираме на борбата со едно од најтемните реалности во светот денес, во која голем број на жени и мажи, момчиња и девојчиња се заробени, порача Тренчевска.
МТСП, како што додаде, ја има зголемено финансиската поддршка за Центарот за лица жртви на трговија со луѓе и во целост ја финансира услугата обезбедена од здружението „Отворена порта“. Поради претрпените длабоки трауми, според Тренчевска, постои потреба од поголемо признание дека работата на рехабилитацијата не може да биде кратка програма, туку бара долгорочна инвестиција за да се обезбеди помош, поддршка, лекување, обуки неопходни за жртвите да започнат нормален, продуктивен и автономен живот.
Таа инвестиција, додава Тренчевска, мора да вклучува значително проширување и на сместувачките капацитети, обезбедување на безбедно враќање на жртвите на трговија со луѓе, а спречувањето на нивната повторна виктимизација е клучна компонента на борбата против трговијата со луѓе. Како таква, рече министерката, таа бара координиран одговор на државните актери, агенциите за спроведување на законот и организациите на граѓанското општество на засегнатите земји, како и соработка на меѓународните актери и организации.
-Во овој период се работи на ревидирање на стандардните оперативни процедури за постапување со жртви на трговија со луѓе со цел унифициран приод на сите вклучени актери од идентификација до реинтеграција и враќање на жртвите во безбедна средина. За сето да функционира потребно е да се има сензитивни и едуцирани професионалци кои посветено ќе работат на проблематиката. Поради тоа се посвети внимание на градење на капацитетите на социјалните рбаотници и трудовите инспектори кои беа вклучени во голем број обуки а во оовј период се вклучува и здравствениот сектор. Може да кажеме дека работата на превенција и заштита на трговија со луше треба да ни претставува приоритет. Навремено откривање на можноста некое лице да биде вовлечено во трговија со луѓе е основа за првовремена интервенција со цел да се спречи експлоатацијата и да се обезбеди навремена поддршка, нагласи Тренчевска.
МТСП преку Секторот за еднакви можности, Одделението за родова еднаквост има улога на координатор на Националниот механизам за упатување на жртви на трговија со луѓе кој претставува рамка за соработка и координиран пристап меѓу социјалните служби, полицијата, трудовата инспекција и граѓанскиот сектор.
-Постигнат е значителен напредок во идентификацијата и справувањето со многу од социјалните, економските, културните, политичките фактори кои ги прават луѓето ранливи на трговија со луѓе, но и во формулирањето на сеопфатни политики и програми и во развојот на едукативни кампањи и кампањи за подигање на свеста. Воспоставивме пет мобилни тимови во Скопје, Битола, Куманово, Гевгелија и Тетово за идентификација на ранливи категории граѓани, вклучително и жртви на трговија со луѓе. Во составот на мобилните тимови има претставници на центрите за социјална работа, претставници на МВР, на Националната единица за борба против трговија со луѓе и претставници на здруженијата граѓани. Овие тимови во текот на нивната работа постигнаа извонредни резултати и се познати како добар пример не само во нашата држава туку и во регионот, подвлече Тренчевска.