– Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска денеска беше во посета на Центарот за сензорна терапија „Во мојот свет“ во Скопје со кој што раководи Здружението за поддршка и третман на лица со аутистичен спектар и атипичен развој „ВО МОЈОТ СВЕТ“, информираат од МТСП.
Оттаму додаваат дека Центарот повеќе од шест години работи на стимулација на раниот детски развој. Моментално опслужува над 60 деца, овозможувајќи детекција, развојно следење и третман на овие дечиња.
Тренчевска за време на посетата на центарот одржа и непосредна средба со претседателот на здружението, Златко Стојановски и извршната директорка, Весна Стојановска. Тие ја информираа министерката за третманите кои се изведуваат во центарот и за кадарот кој што работи со децата. Претседателот рече дека третманите се изведуваат еден на еден и дека за извршување на активностите се задолжени: логопеди, педијатри и дефектолози.
Министерката средбата ја заврши со интеракција со децата кои го посетуваат Центарот, како и вработените во него.