Услугата помош и нега во домот е достапна за 45 стари лица во општина Пласница. Услугата ја спроведува Здружението за поддршка на идентификувани и потенцијални ранливи групи „Жртва“, кое заедно со општина Пласница добија грант за развој на оваа услуга во рамки на Проектот за подобрување на социјалните услуги.
Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска денеска при посетата на Пласница, како што соопшти МТСП, изрази задоволство што придобивките од оваа социјалната реформа се достапни и за најстарите жители на оваа општина.
– Горди сме на резултатите постигнати преку Проектот, но многу поважно е задоволството на корисниците и негувателите. Нашите истражувања на задоволството на корисниците на услугата помош и нега во домот од првиот повик за грантови покажуваат дека имаме огромно задоволство од услугата, апсолутно мнозинство од корисниците изјавуваат дека услугата помош и нега во домот го унапредила квалитетот на нивниот живот. Задоволството е видливо и кај негувателите, 99 отсто од нив изјавуваат дека ангажманот како негувател, целосно или делумно го унапредил квалитетот на нивниот живот, изјави министерката Тренчевска.
Покрај грижата и негата која старите лица ќе ја добијат во своите домови, со воведување на новата услуга се овозможени и нови вработувања на ранливи категории граѓани кои добиваат можност да станат сертифицирани негуватели. Токму тоа е и двојната придобивка од спроведувањето на социјалните услуги. Конкретно, за спроведување на услугата помош и нега во домот во Пласница се ангажирани 15 сертифицирани негуватели кои ќе им го олеснат секојдневието и значајно ќе го подобрат квалитетот на живот на старите лица.
Градоначалникот на општина Пласница Алија Јаоски изрази задоволство и благодарност до Министерството за поддршката за воспоставување на оваа услуга. – Многу сум благодарен на Министерството за поддршката. Поддршката покажува дека не постојат мали и големи општини кога станува збор за грижата за граѓаните. Посебно сум среќен што старите лица во Пласница, кои се многу поврзани со своите домови, ќе добијат грижа и нега во своите живеалишта, изјави градоначалникот Јаоски.
Од здружението „Жртва“ исто така изразија благодарност за соработка до Министерството и до Општината, потенцирајќи дека оваа услуга е многу значајна за старите лица во Пласница на кои сертифицираните негуватели им помагаат во секојдневните активности, редовност во здравствените прегледи, личната и хигиената во домот и останати активности.
Во рамки на Проектот за подобрување на социјалните услуги, што го спроведува Министерството за труд и социјална политика, со поддршка од Светска Банка, досега е овозможено воведувањето на разновидни социјални услуги, преку 34 поединечни проекти што се спроведуваат во 41 општина. За давање на услугите досега се обучени и ангажирани над 300 лица, а тие се достапни за повеќе од 1200 корисници.