– Филмот „Посеана надеж“, ќе ни ги претстави хероите меѓу нас, кои и во најтешки ситуации се придвижуваат напред со верба и надеж кон посветла иднина. Филмот повторно ќе нѐ потсети колку е моќно солидарното општество и ќе нѐ потсети дека само такво општество, може да биде напредно и демократско. Преку сведоштвата ќе ја почувствуваме силата на инклузивното општество, изјави вечерва министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска на премиерата на документарниот филм „Посеана надеж“ во Кинотеката.
– Живееме во возбудливи и неизвесни времиња коишто карактеризираат со големи промени во животите со луѓето. Промените влијаат врз сите нас и токму во една ваква состојба, кај секој од нас се раѓа чувството на солидарност. Солидарноста е исклучително важна особина и претставува зајакнување на врските, чувство на взаемност и темел во помагањето помеѓу луѓето. Споделената поддршка и помош е начин во кој се овозможува да ги надминеме сите предизвици и ризици кои се појавуваат во нашите животи. Ваквите особености ги имаат социјалните претприемачи, кои без двоумење со силна одлучност и челична волја, се секогаш на почетниот фронт да дадат поддршка, да покренат самодоверба и да понудат светла иднина на оние на кои најмногу им треба, нагласи министерката.
Таа појасни дека социјалните претпријатија портретирани во филмот, се животни приказни на наши сограѓани.
– Социјалните претпријатија и филмот, нѐ учат дека надежта како олицетворение на искрените намери, својата увереност и доследност на своето однесување, ја искажува вербата во иднината во нејзината трајност и сигурност. Таквата надеж е пресликана во 15 примери на социјални претпријатија коишто прават суштински и реални промени во животите на луѓето. МТСП со несебична поддршка од страна на делегацијата на ЕУ, во изминатите две години, ја гради правната рамка и останатите инструменти преку добрите примери од Европа, како што е Барка во Полска, за тоа на каков начин и во која форма, социјалното претпријатие ќе се спроведува во Република Северна Македонија. Во завршна фаза е Законот за социјално претприемништво, со кој ќе се уредат постапките и критериумите за основање на социјални претпријатија, ќе се предвидат соодветни финансиски инструменти и ќе се поттикне поволна срдина за развој на социјалните претпријатија, додаде Тренчевска.
Таа посочи дека овој закон треба да обезбеди реална промена во квалитетот на животот на нашите сограѓани.
– Како министерка за труд и социјална политика, лично и професионално, верувам и вложувам во напорите кон градење на политика за поврзување со локалата самоуправа, јавниот и приватниот сектор, а несомнена улога имаат и донаторите, како и бизнис заедницата. Во МТСП, сите овие чинители треба да знаат дека имаат искрен партнер, искрен пријател и дека сме институција отворена за соработка за сите добро чинители коишто активно се залагаат за едно отворено и едно демократско општество, подвлече Тренчевска.
Амбасадорот на делегацијата на Европската Унија, Дејвид Гир изрази задоволство од настанот и од тоа да се види како филм напредокот што го има направено државата на полето на социјалните претпријатија со помош на ЕУ.
Пред присутните се обрати и тим лидерката на проектот „Поддршка на социјалните претпријатија“, Барбара Садовска.
Режисер на филмот „Посеана надеж“ е Костадин Анастасов, а директор на фотографија е Фејми Даут. Документарниот филм е снимен на повеќе локации и во него учествуваат 15 социјални претпријатија, кои преку своите емотивни приказни, како што се појаснува, нѐ уверуваат дека и во нашата земја постојат претпријатија кои се темелат на солидарност и желба да се помогне на маргинализираните групи, вклучувајќи ги во општеството.
Проектот „Поддршка на социјалните претпријатија“ е финансиран од ЕУ, имплементиран од Ептиса, во конзорциум со Барка и Екорис, каде корисник е Министерството за труд и социјална политика.