– Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска денеска се сретна со државниот секретар од Министерството за труд, семејство, социјална работа и еднакви можности на Словенија, Дан Јуван. На средбата беше потпишан Меморандум во делот на безбедни и здрави работни услови за работниците.
Целта на Меморандумот, како што информира Кабинетот на Тренчевска, е да се препознае потенцијалот помеѓу државите за соработка и развивање пријателски односи.
-Со потпишувањето на Меморандумот се очекува во наредниот период да се вклучат институциите во размена на информации, искуства и најдобри пракси поврзани со политиките во однос на Безбедност и здравје при работа, вклучувајќи ги тука националните стратегии, закони и иницијативи, наведува Министерството за труд и социјална политика.
Тренчевска и државниот секретар искажаа голем интерес за интензивирање на соработката помеѓу министерствата.