Трибина на ВМРО-ДПМНЕ: Ставањето на Мерко на црната листа на САД, порака дека мора да има одговорност

Пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ Ели Панова денеска изјави дека на СДСМ и на ДУИ не им значи ништо црната листа на која се ставаат лица за кои САД имаат докази дека се инволвирани во криминал и корупција. Панова побара македонските правосудни органи конечно да почнат да функционираат и да делуваат без да користат двојни стандарди и сите лица за кои постојат основaни сомневања, а за сторени криминални и корупциски дејствија, да бидат спроведени пред лицето на правдата.

-За функционери кои се на црната листа на македонскиот народ, ваквата листа на САД не значи ништо и веројатно ќе се обидат за неколку дена да ја затворат оваа тема, како што ги затвораат сите други теми што се поврзани со висок криминал и корупција, кој што всушност се случува во редовите на ДУИ и СДСМ, рече Панова на денешната трибина на партијата што се одржа во Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ. 

Пратеничката рече дека доколку градоначалникот на Струга, Рамиз Мерко, бил припадник на која било друга политичка партија веројатно до денес веќе ќе бил во притвор. Смета дека случајот со струшкиот градоначалник е порака дека и за високите функционери мора да има одговорност.

-Оваа црна листа е еден шамар за ДУИ, затоа што одговорност мора да постои. А одговорни за непостапувањето и затскиравањето на криминалните дејствија на високите функционери на ДУИ се токму инфилтрирани членови во највисоките судски инстанци, и во обвинителството и во судството на Република Македонија, рече Панова.

Ова, според неа, е и опомена за премиерот Ковачевски, заради тоа, како што посочи, што не знаел што се случувало во Струга и не знае за „купувањето на деловни објекти од страна на лица блиски до највисокото раководство на ДУИ“.

Пратеникот Драган Ковачки обвини дека внукот на Али Ахмети кој го купи трговскиот центар „Соравиа“ за 30 милиони евра, има добиено концесија од државната ЕСМ за ископ на варовник, а фирмата има само еден вработен. Ја повика Антикорупциската комисија веднаш да постапи по овој случај.

Го повика премиерот да се произнесе за овој случај и да одговори дали знаел и доколку знаел зошто не постапил.

На трибината на тема корупција и криминал, пратеникот од ВМРО -ДПМНЕ Бране Петрушевски зборуваше дека како член на собраниската Комисија за надзор над спроведување на посебните истражни мерки укажал дека ОТА извршила незаконска набавка на опрема за масовно прислушкување, а Јавното обвинителство со денови молчело.