Трибина на СДММ „Младина, иднина, Европа“

 – Не смееме да дозволиме нова изолација, нови бранови иселувања на младите, нови барања за странски пасоши. Ќе направам сè за подобра иднина на младите, затоа работам посветено за решавање на тешките предизвици пред кои се соочуваме на европскиот пат, рече претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски на младинската трибина „Младина, иднина, Европа“што ја организираше Социјалдемократската младина на Македонија (СДММ).

– Вие, младите сте движечка сила на позитивните промени и архитекти на утрешнината. А ние сме тука да направиме сè за да успеете. Стојам зад потенцијалот што се наоѓа во секој млад човек и ќе направам сè за подобра иднина на младите. Не само успехот на државата и нашето општество, остварувањето на вашите идеи, соништа и амбиции се клучен мотив за мене.  Европската идеја и можностите кои таа ги носи за вас, младите, е најсилниот сојузник на овие соништа и амбиции.  Затоа работам посветено за решавање на сложените предизвици со кои се соочуваме на европскиот пат, истакна Ковачевски.

Порача дека членството во ЕУ за младите значи  подобро образование и здравство,  слободно движење, дружење, пристап до различни фондови и шанси за развој на нивниот потенцијал.

– Но, прашањето: кога? е најважно во овој момент. Сега треба да се направи чекор напред, да се донесе одлука за побрзо членство во ЕУ. Затоа што младите немаат време за губење. Вие немате време за губење. Македонија нема време за губење.  Изгуби оваа земја премногу време, сега треба да направи чекор напред. Токму заради вас.  Немаат сегашните македонски генерации 10, 15 или повеќе години да ги фрлат во ветер…  Не смееме да дозволиме младите да бидат жртва на политичари без став, без визија, кои освен својата фотелја и желба за власт не мислат на ништо друго. Не смееме да дозволиме нова изолација, нови бранови иселувања на младите, нови барања за странски пасоши, рече лидерот на СДСМ и премиер. 

Претседателката на форумот на жени на СДСМ Јована Тренчевска на младинската трибина истакна дека младите се движечка сила на општеството и мотив за секоја политика. Нагласи дека се залага секој во нашата држава да има еднакви можности, младите да можат да ги остваруваат своите соништа, но во нашата држава.

Тренчевска посочи дека СДСМ овозможува голем број   можности за младите. Го спомна проектот Гаранција за млади кој во континуитет се спроведува од 2018 година  и досега се вклучени над 80 000 млади лица. Во Гаранцијата за млади минатата година, како што рече, биле вклучени 20 185 млади невработени лица, од кои 7419 се вработиле, а 1287 лица биле вклучени во некоја од активните мерки за вработување.

Тренчевска додаде дека средствата за  Оперативниот план за вработување континуирано се зголемуваат, а за оваа година се издвоени 32 милиони евра, што е два  милиони евра повеќе од лани.

-Вкупниот опфат на невработени лица со мерките за вработување и услуги на пазарот на трудот  е 18 056 лица и е за 3371 лица поголем или за 20 отсто  од минатогодишниот Оперативен план за вработување, нагласи Тренчевска, додавајќи дека најатрактивна мерка за младите е самовработувањето, за која годинава шанса имаат 2078 невработени лица.

Марко Михаилоски, претседател на Социјалдемократската младина на Македонија (СДММ) на трибината рече дека е време да се формира министерство за млади, институција која, рече тој, ќе биде сојузник и ќе ги спроведува младинските политики.

-Дајте ни шанса да седнеме на иста маса и заедно со вас да ја обликуваме иднината. Рамо до рамо да бараме решенија за сите предизвици со кои се соочуваме. Во реформските процеси и исполнувањето на стратешките цели, сите треба заеднички да делуваме. Треба да бидеме гласни, храбри и сплотени. Да покажеме што сакаме и што бараме. Да се избориме за подобри услови кои утре нема да ни дозволат да бараме решение надвор од границите на оваа земја со огромен потенцијал. Затоа што влогот во себе е влог во иднината на нашата земја, рече Михаилоски.

Во отчетот за сработеното на  СДММ, тој ги претстави нивните активности, како зајакнување на студентскиот стандард, петицијата за земјите од Западен Балкан да бидат дел од семејството на Европската Унија, континуирана едукација на младите лидери преку политички академии, кампови, семинари и обуки итн.