„Јавните повици што ги објавуваме се посветени на малите земјоделци кои не го достигнуваат прагот за користење на ИПАРД средствата. Ние како држава им помагаме да влезат во процесот, да застанат на свои нозе и да можат да станат корисници на ИПАРД средствата во наредните години“, нагласи министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски, во интервју за емисијата „За или против“ на телевизија Алфа.
Министерот Трипуновски нагласи дека преку јавни повици, и земјоделските стопанства имаат можност да го модернизираат своето производство.
„Ова е еден од начините на кои им помагаме на малите земјоделци. Не зборувам само за аспектот на финансиска поддршка, туку и за аспектот на распределба на земјоделско земјиште. Ако сакате да убедите некого да влезе во земјоделскиот процес, потребно е да му дадете механизација, но и земјоделско земјиште“, објасни министерот.
Тој најави дека во текот на последните 12 месеци се спроведени два јавни повици за распределба на земјоделско земјиште, кои ја опфаќаат целата територија на Македонија. Потпишани се над 2.100 договори и распределени се околу 6.000 хектари земјиште.
„Сакам да нагласам дека не само што процесот на распределба на земјоделско земјиште е во тек, туку и процесот на контрола на евентуална злоупотреба е во тек, при што минатата година се раскинати над 170 договори, а се ослободени повеќе од 2.500 до 3.000 хектари“, нагласи министерот.
Министерот Трипуновски нагласи дека контролите ќе продолжат за спречување на злоупотреба на земјоделското земјиште. Конфискуваното земјиште ќе биде распределено и на земјоделците кои сакаат да работат.