Трипуновски: Земјоделците од Овчеполието првпат после долги години ќе добијат навреме вода за наводнување

–  Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски соопшти дека денеска е во работна посета на Овчеполието каде што направил увид во количините на вода во системот за наводнување Брегалница.

-Сакам да информирам дека од системот за наводнување Брегалница во општините Свети Николе и Лозово процентуално со вода покриени се: 90 отсто од земјоделските површини во Црнилиште, 90 отсто во Аџиматово, 100 отсто во Делисинци, 90 отсто во Сарамзалино и скоро 100 проценти од површините во Лозово. Наскоро очекувам сите овие места да бидат 100 отсто покриени со вода за наводнување, објави Трипуновски и на неговиот фејсбук профил.

Трипуновски потенцираше дека со правилна и сериозна работа може да се испорача вода за наводнување до земјоделците и покрај катастрофалната состојба на системите за наводнување. Тој, најави дека во наредните неколку дена вода за наводнување на земјоделските површини ќе има и во останатите места во Овчеполието.

-Во претходните години водата пристигала на крајот од сезоната кога воопшто не е потребно да се наводнува, а сега имаме вода на самиот почеток кога е и најпотребна. Ние вистински се грижиме за македонските земјоделци, порача Трипуновски.