„Денеска сум во посета на прилепскиот регион, во Тутунскиот комбинат, за да извршам увид во процесот на собирање на тутунот за реколтата 2024. Иако законскиот рок до 15 декември сè уште не е пристигнат, гледаме дека дел од производителите го предале своето производство“, нагласи министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски од Прилеп.
Тој рече дека според податоците евидентирани во системот, до вчера се собрани 1.400.000 килограми тутун по просечна цена од 374,30 денари, додавајќи дека досега се исплатени околу 45 отсто од земјоделците.
Министерот Трипуновски додаде дека Инспекторатот за земјоделство будно го следи овој процес.
„Како министер сме во постојана комуникација со сите здруженија. Го следиме целиот процес и од следната недела очекуваме зголемување на испораката на тутун од годинашниот род. Пушачите да не се грижат, бидејќи годинава ќе имаме повисока просечна цена за наплата во однос на лани“, увери министерот Трипуновски.
Тој нагласи дека и Владата и министерот се во постојана комуникација со собирачите, тутунопроизводителите и сите здруженија кои работат во овој сектор. Во својата изјава министерот истакна дека годинава нема да има незадоволни тутунопроизводители. Министерството нема да дозволи разочарувања како оние што се случуваа во минатото.