Триумфот на Барселона од 6-0 го гледаа само 6.000 гледачи, најмалку во последните 103 години

Фудбалерите на Барселона ја победија Валенсија со 6-0 на стадионот „Јохан Кројф“ во 4. коло од Ла Лига, со што го надоместија киксот од претходното коло кога ремизираа 1-1 со Рајо.

Првото полувреме не навестуваше катастрофа за Валенсија, бидејќи Барселона успеа да постигне само еден гол преку Лопез во 29-тата минута од натпреварот.

Веќе во осмата минута од рестартирањето, Рафиња го дуплираше водството на Барселона, а расположениот Лопез го зголеми водството на 3:0 три минути подоцна.

Рафиња го постигна својот втор гол во 66-тата минута, а потоа следеше шоуто на Левандовски, постигнувајќи два гола во 76-тата и 86-тата минута за конечни 6:0.

Патем, овој натпревар се играше пред само 6.000 гледачи, колку што е капацитетот на стадионот „Јохан Кројф“. Имено, Каталонците сè уште не добиле дозвола да се вратат на „Камп Ноу“, а стадионот „Монжуик“ е блокиран од концерти.

Ова беше прв пат по 103 години Барселона да игра официјален домашен натпревар со само 6.000 гледачи, освен во исклучителни ситуации како што е периодот на коронавирусот.

Барселона е втора на табелата зад лидерот Реал и во следното коло ќе го пречека Хетафе, додека Валенсија ќе биде домаќин на Атлетик.

Резултат и стрелци:

Барселона – Валенсија 6:0 (Лопез 29′, 56′, Рафиња 53′, 66′, Левандовски 76′, 86′)