Чеченскиот претседател Рамзан Кадиров им наложи на безбедносните сили да ги спречат масовните немири, по хаосот во Дагестан кога демонстрантите го опколија авионот што полета од Израел.
-Ако имаме макар и едно лице кое неовластено нè вознемирува, приведете го и ставете го во затвор. Или испукајте три предупредувачки истрели во воздух, а потоа, ако лицето не го почитува законот, испукајте го четвртиот истрел во челото. Нема да излезат повеќе. Ова е моја наредба – им рекол Рамзан на чеченски јазик на претставниците на МВР и Националната гарда на средбата.
На 29 октомври избувнаа масовни немири на аеродромот во Махачкала поради пристигнувањето на редовен лет од Тел Авив во услови на влошување на ситуацијата на Блискиот Исток.
Неколку стотици луѓе упаднаа во зградата на аеродромот и на пистата, а подоцна беа избркани од полицијата.
Според последните податоци, повредени се над 20 лица, меѓу кои и полицајци, а повеќе од 80 демонстранти се приведени.
Дагестанските власти и верските водачи го осудија инцидентот.
Кадиров денеска соопшти дека во Палестина пристигнала првата пратка помош од Чеченија за жителите на Газа.
– Жителите на Појасот Газа ја добија првата серија помош во храна од Регионалниот јавен фонд именуван по херојот на Русија, Ахмат-Хаџи Кадиров. Работата на фондот во овој регион ја контролира советникот на претседателот на Палестина, врховниот шеријатски судија на Палестина, Махмуд Хабаш. Вкупно 20.000 семејства ќе добијат храна во рамки на кампањата – рече Кадиров.