– Властите на Нов Зеланд денеска соопштија дека три лица загинале, а најмалку едно се води како исчезнато во поплавите предизвикани од рекордните количини врнежи во Окленд, најголемиот град во земјата.
Премиерот Крис Хипкинс полета во Окленд со воен авион откако беше прогласена вонредна состојба во регионот.
„Наш приоритет е да се погрижиме жителите на Окланд да бидат безбедни, сместени и да имаат пристап до основните услуги што им се потребни“, рече Хипкинс.
Тој порача дека граѓаните доколку е можно треба да останат во домовите со предупредување дека може да наврнат уште пообилни дождови.
Вчера во Окленд наврна количество дожд што е споредено со количината што паѓа во текот на цело лето, соопшти Метеоролошкиот институт.
Дождот го блокираше сообраќајот на автопатите, а беа поплавени куќи и други објекти. Стотици луѓе останаа заглавени на аеродромот во Окленд во текот на ноќта откако аеродромот ги откажа сите летови, а делови од терминалот беа поплавени.