Три лица се убиени, а 31 е повредено во руски напад со беспилотни летала врз украинскиот град Днипро

– Украина соопшти дека три лица се убиени, а 31 е повредено во руски напад со беспилотни летала врз југоисточниот град Днипро.

„Масовниот напад со беспилотни летала предизвика трагични последици. Три лица се убиени, меѓу кои и едно дете“, изјави гувернерот на регионот Дњепропетровск, Серхиј Лисак, преку објава на Телеграм.

Лисак додаде дека во нападот, кој се случил доцна синоќа, повредени се уште 31 лице, од кои 10 се хоспитализирани.

Тој нагласи дека на местото на нападот се ангажирани екипи на општинските служби, а поставени се и шатори од страна на полицијата и хуманитарните организации.

Градоначалникот на Днипро, Борис Филатов, информираше дека се оштетени најмалку 15 објекти, меѓу кои студентски домови, образовни институции и прехранбени фабрики.

Во меѓувреме, украинските воздушни сили соопштија дека се пресретнати 25 од вкупно 75 руски беспилотни летала, кои биле насочени кон регионите Доњецк, Харков, Суми и Дњепропетровск во текот на ноќта.

Украинскиот претседател Владимир Зеленски повтори апел за зголемен притисок врз Русија за ставање крај на конфликтот и обезбедување стабилен мир.

„Секој пакет одбранбена поддршка од нашите партнери за Украина, секоја форма на помош од светот за нашата издржливост, буквално значи заштита на човечки животи“, напиша тој на социјалната мрежа Х.

Украинскиот премиер Денис Шмигал, пак, ги повика партнерите на Киев да реагираат „силно и одлучно на секојдневното гранатирање на украинските градови и убивањето цивили“.

Руските власти не ги коментираа веднаш нападите.