Одредени намирници долго време се сметаа за лоши за срцето, честопати поради застарени митови за исхраната или погрешни совети од социјалните медиуми. Но, истражувањата и стручните сознанија покажуваат дека некои од овие намирници всушност можат да имаат придобивки, вклучително и придобивки за здравјето на срцето. Значи, диететичарката Вероника Раус и нутриционистката и диететичарка Мекензи Бургес споделуваат три намирници кои всушност придонесуваат за здравјето на срцето, иако понекогаш добиваат лоша репутација.
Полномасни млечни производи
Јогуртот и полномасното млеко често се критикувани поради нивната содржина на заситени масти, но експертите велат дека можат да бидат дел од здрава исхрана за срцето.
„Еден преглед покажа дека консумирањето полномасни млечни производи не е поврзано со зголемен ризик од срцеви заболувања, па дури може да има и заштитни ефекти поради нивниот уникатен нутритивен профил“, вели Раус за EatingWell.
Таа додава дека млечните производи содржат калциум, пробиотици и калиум, кои поддржуваат здрав крвен притисок и ниво на холестерол.
Кафе
Иако кофеинот често е контроверзен бидејќи може да го зголеми крвниот притисок, умереното консумирање кафе (околу две шолји дневно) е поврзано со придобивки за срцето.
„Една голема студија покажа дека луѓето што пијат кафе имаат значително намален ризик од кардиоваскуларни заболувања“, вели Раус. Антиоксидансите како хлорогена киселина и полифеноли можат да помогнат во намалувањето на воспалението и да ја поддржат функцијата на крвните садови.
Компир
„Компирите честопати се неправедно критикувани, но всушност се богати со растителни влакна, сложени јаглехидрати, витамин Ц и калиум, кои се важни за регулирање на крвниот притисок“, вели Бургес.
Раус истакнува дека клучот е во методот на подготовка: варењето или печењето со лушпа ги задржува растителните влакна и го прави поздрав избор, додека пржењето обезбедува помалку придобивки за здравјето на срцето.
Покрај исхраната, за здравјето на срцето се важни и други фактори, како што се доволен внес на растителни влакна, омега-3 масни киселини и редовно вежбање.
,,Влакната помагаат во регулирањето на холестеролот, омега-3 го намалуваат воспалението, а вежбањето го зајакнува срцето и ја подобрува циркулацијата“, заклучи Бургес.