Поради близината со Италија, Тунис ја престигна Либија како главна појдовна точка за луѓето кои бегаат од судирите и сиромаштијата на Блискиот Исток и во Африка, во потрага за подобар живот во Европа.
Најмалку 27 луѓе се сметаат за исчезнати по потонувањето на две пловила со мигранти во близина на источниот медитерански брег во Тунис, известува Анадолу.
Властите на Тунис соопштија дека првиот брод испловил од Тунис за Италија во петок со 37 мигранти, од кои на местото на бродоломот се спасени 17 лица.
Вчера од морето се извлечени четири тела по потонувањето на друг брод, објави „Би-би-си“ (BBC). Од другиот брод се спасени 36 луѓе, додека спасувачите трагаат по тројца исчезнати.
Потонатите пловила биле изградени од метални блокови.
Од почетокот на март забележани се најмалку 7 слични бродоломи од Тунис, со околу 100 мртви или исчезнати луѓе.
Некои делови од брегот на Тунис оддалечени се само околу 150 километри од италијанскиот остров Лампедуза. Поради својата близина со Италија, Тунис ја престигна Либија како главна појдовна точка за луѓето кои бегаат од судирите и сиромаштијата на Блискиот Исток и во Африка, во потрага за подобар живот во Европа.
Во првите три месеци од оваа година повеќе од 14.000 мигранти, од кои поголемиот дел од супсахарска Африка, запрени се во обидот од Тунис да пристигнат во Европа. Бројката е 5 пати поголема отколку во истиот период минатата година.
Премиерката на Италија, Џорџа Мелони, во петокот изјави дека Европа ризикува повторен голем бран на мигранти кои ќе стигнат на нејзиниот брег од Северна Африка, доколку не се заштити финансиската стабилност во Тунис. Мелони го повика Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) и другите земји што поскоро да му помогнат на Тунис за да се избегне колапсот на таа земја.