Мевлут Чавушоглу рече дека имал искрени разговори со неговиот египетски колега, нагласувајќи дека механизмите помеѓу Туркије и Каиро ќе бидат обновени.
Туркије и Египет ќе ги подигнат дипломатските односи на највисоко ниво колку што е можно поскоро, изјави турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу, кој реализира официјална посета на Египет.
Говорејќи во Каиро, каде што е во посета на покана на неговиот колега Самех Шукри, Чавушоглу рече: „Шукри кажа дека разговараме за тоа што може да направиме во врска со повторното именување на амбасадорите. Имавме можност да оцениме кои чекори ќе ги преземеме и кога.“
„Сигурен сум дека ќе имаме можност да ги подигнеме дипломатските односи на највисоко ниво колку што е можно поскоро“, рече Чавушоглу на прес-конференцијата заедно со Шукри. Двајцата министри разговарале за билатералните односи, како и за регионалните и меѓународните прашања.
Дипломатските односи меѓу Туркије и Египет се одржуваат на ниво на вршители на должности на двете страни по воениот удар во Египет во 2013 година, со кој беше соборен починатиот претседател Мохамед Морси.
Чавушоглу е прв министер за надворешни работи на Туркије што по 11 години го посети Египет. Шефот на турската дипломатија рече дека имал искрени разговори со Шукри, нагласувајќи дека механизмите меѓу Туркије и Каиро ќе бидат обновени.
Анкара и Каиро треба да работат поблиску за регионот, рече Чавушоглу, додавајќи: „Ќе ја развиеме нашата соработка и за регионални прашања.“ Тој, исто така, истакна дека Анкара никогаш нема да ја заборави поддршката дадена од Каиро по силните земјотреси минатиот месец.
„Посебно би сакал уште еднаш да им се заблагодарам на египетската Влада и на народот за поддршката што ни ја дадоа по земјотресот во Туркије“, додаде тој. На 6 февруари земјотреси со јачина од 7,7 и 7,6 степени погодија 11 турски области – Адана, Адијаман, Дијарбакир, Елазиг, Хатај, Газиантеп, Кахраманмараш, Килис, Малатија, Османије и Шанлиурфа – одземајќи над 50.000 животи.Сочувство упати целиот свет изразувајќи солидарност со Туркије, при што многу земји пратија спасувачки тимови и помош, вклучително и Египет.
По земјотресите, Шукри ги посети областите Адана и Мерсин погодени од земјотресот, а неговата посета на Туркије беше прва на египетски министер за надворешни работи по повеќе од една деценија.
Во меѓувреме, египетскиот претседател Абдел Фатах ал-Сиси беше меѓу лидерите што телефонски разговараа со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган по земјотресите, изразувајќи сочувство за жртвите од земјотресот.
За можна идна средба меѓу претседателите, Чавушоглу рече дека тој и Шукри се подготвуваат, додавајќи дека Ердоган и Ал-Сиси можеби ќе се сретнат по претстојните избори во Туркије, закажани за 14 мај. Шукри од своја страна рече дека развојот на турско-египетските односи е во интерес на двете земји.
TRT Balkan