Полицијата во Турција приведе 51 лице кои се осомничени дека се поврзани со терористичката организација „Исламска држава“, изјави денеска турскиот министер за внатрешни работи Али Јерликаја.
Јерликаја во соопштение објавено на социјалната мрежа „Икс“ посочува дека полицијата ја спровела операцијата Боздоган-7 низ Турција со координација на Управата за безбедносно разузнавање и Одделот за борба против тероризмот.
За време на операцијата, која се одвиваше истовремено во неколку градови, полицијата приведе 12 лица осомничени дека работеле за „Исламска држава“ во Истанбул, додека други беа приведени во 17 други турски градови, меѓу кои Адана, Баликесир и Анталија.
„Нашата борба ќе продолжи со одлучност, поддржана со вашите молитви и помош додека и последниот терорист не биде неутрализиран за мирот, единството и солидарноста на нашата нација“, рече Јерликаја.
Во 2013 година Турција стана една од првите земји што ја прогласи „Исламска држава“ за терористичка организација.