Билатералниот обем на трговска размена меѓу Туркије и САД се повеќе се зголемува, рече во понеделникот турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу, повикувајќи да се укинат санкциите против Анкара во областа на одбранбената индустрија.
На заедничката прес-конференција со американскиот државен секретар Антони Блинкен во Претседателскиот комплекс во Анкара, Мевлут Чавушоглу рече дека финализирањето на договорот за продажба на борбени авиони Ф-16 е корисно за двете страни.
Тој истакна дека борбата против тероризмот е приоритетна точка на меѓусебната агенда и дополнително повика на поефикасна соработка и колаборација на полето на безбедноста.
Запрашан за позицијата на Туркије за американската поддршка на терористичката организација ЈПГ/ПКК во Сирија, Чавушоглу рече дека Туркије верува дека соработката со една терористичка група против други групи е „смртоносна грешка“ и дека терористичката група ПКК/ЈПГ не се бори против терористичката група ДАЕШ.
Чавушоглу го повика својот американски колега заедно да се борат против секаков вид тероризам и против сите терористички групи.
Цитирајќи го договорот од октомври 2019 година потпишан меѓу Анкара и Вашингтон, Чавушоглу рече дека САД мора да ги исполнат своите одговорности што произлегуваат од договорот.
Анкара и Вашингтон постигнаа договор во октомври 2019 година да ја прекинат турската операција Мирна пролет во северна Сирија на 120 часа за да се дозволи повлекување на терористите на ЈПГ/ПКК од планираната безбедна зона, но Туркије рече дека САД не ги исполниле своите ветувања.
Запрашан за билатералните врски, Чавушоглу рече дека двете земји не треба да чекаат нова катастрофа за да ги подобрат врските и повика да преземат конкретни и искрени чекори за подобрување на односите меѓу Туркије и САД.
Од своја страна, Блинкен ја изрази посветеноста на неговата земја да обезбеди поддршка за Туркије која е погодена од земјотресот.
„Ние стоиме рамо до рамо во соочувањето со заедничките безбедносни предизвици“, рече Блинкен поздравувајќи ја улогата на Туркије во поддршката на Украина.
За договорот за Ф-16, Блинкен рече дека е „национален интерес и безбедносен интерес“ за администрацијата на Бајден да ги надгради постојните Ф-16 и да обезбеди нови за Туркије.
Блинкен, исто така, одговори на прашањето за американската поддршка на терористичката ЈПГ/ПКК во Сирија и рече дека неговата земја „многу ги признава“ легитимните безбедносни грижи на Туркије на нејзината јужна граница.
„Ние ќе продолжиме тесно да работиме заедно за да одговориме на двата проблеми. Во моментот, се разбира, и двајцата сме многу фокусирани на хуманитарната помош за народот во Сирија, кој, како и народот на Туркије, страдаше од земјотресот и работиме заедно за да ја максимизираме поддршката“, рече тој.
TRT Balkan / агенции