ТУРЦИЈА И УНГАРИЈА ГО ПОДДРЖАA ВЛЕЗОТ НА ФИНСКА ВО НАТО: Иднината на Шведска во алијансата се уште е доведена во прашање

Турција и Унгарија го поддржаа влезот на Финска во НАТО, додека одлуката за Шведска ќе биде донесена подоцна.

Турција и Унгарија во петокот најавија дека ќе ја одобрат апликацијата на Финска за влез во НАТО , но веројатно засега ќе го остават настрана истиот потег на Шведска.

По почетокот на руската инвазија на Украина, Шведска и Финска поднесоа барање за членство во НАТО, но наидоа на противење од Турција и неопходно е сите 30 земји на НАТО да ги одобрат новите членки.

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави во Анкара, за време на посетата на финскиот претседател Саули Ниинист, дека Турција ќе почне да ја ратификува финската апликација, но не и шведската.

„Хелсинки го доби благословот на Анкара откако презеде конкретни чекори да го одржи ветувањето дека ќе се справи со луѓето што ги смета за терористи и да го ослободи извозот од одбранбениот сектор. Решивме да го започнеме процесот на ратификација во нашиот парламент“, рече Ердоган и најави дека тој ќе го поддржи парламентот да дозволи пристап пред изборите на 14 мај.

Нинисто ја нарече одлуката многу важна за Финска, која дели долга граница со Русија. Тој нагласи дека се надева оти турскиот парламент ќе биде брз и ефикасен.

Лидерот на унгарската владејачка партија Фидес, Мате Кочиш, рече дека партијата ќе ја поддржи Финска и дека парламентот ќе гласа за ратификација на 27 март. Одлуката за Шведска ќе биде донесена подоцна.

Анкара смета дека Стокхолм, од друга страна, обезбедува заштита и засолниште за членовите на различни терористички групи, обвинение што Шведска го негира.

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг претходно изјави дека би сакал Шведска и Финска да се приклучат на НАТО пред самитот во Вилнус, кој ќе се одржи во јули.

„Најважно е Финска и Шведска брзо да станат членки на НАТО, а помалку е важно дали ќе се приклучат на алијансата точно во исто време“, рече тој и повика на забрзување на процесот.

Официјални претставници на НАТО веруваат дека има мали шанси Турција да и дозволи пристап на Шведска пред изборите во мај, што ќе го скрати нејзиниот прозорец до јули. Влегувањето на Шведска и Финска во НАТО би значело дека членки се сите земји околу Балтичкото Море, со што би се затвориле стратешките „дупки“ во регионот.