Тутунските компании со иста цена за ѓубрето и квалитетниот тутун, цехот го платија чесните производители, вели Мирчески

Како успеавме од реколта која според квалитетот беше позитивно оценета од стручната фела и која реално требаше да тежи од 17 – 19 милиони килограми, да се претвори во реколта со безмалку откупени 25 милиони килограми?

Ако ова е навистина така, тогаш разликата од најмалку 6 милиони кг. најверојатно се должи на откупена фурда, песок, чакал, вода, картонска амбалажа и разни НТМ. Исто така во оваа килажа можеби влегува и откупен тутун кој најверојатно секоја година се внесува по разни канали од соседна држава, но и една значителна количина на крупнолистен тутун кој е забранет за производство во државата, а најверојатно илегално се уште се одгледува во некои делови во Македонија.

Ако е ова навистина вака,што мислите кој ќе ги плати овие 6 милиони килограми откупено ѓубре?

ПА СЕ РАЗБИРА ВИЕ!!! СИТЕ ВИЕ ТУТУНОПРОИЗВОДИТЕЛИ КОИ ПРОИЗВЕДУВАТЕ КВАЛИТЕТЕН ТУТУН!

Наместо вашиот квалитет да биде реално платен, со манипулацијата-откуп во прва класа, квалитетната роба заврши со иста цена како и ова ЃУБРЕ како да е роба на КИЛО.

Вие почитувани тутунари ќе ги платите овие околу 6 милони килограми неквалитетен тутун (ѓубре), бидеќи задоволни од откуп во една класа го подржувате овај криминал што се прави во државата.

Но во оваа ситуација тутунарите не се единствените оштетени, оштетена е и државата која според закон се обврзала да го стимулира производството на квалитетен тутун за што пак владата најави дополнителни 20 денари за секој килограм откупен тутун. Заклучокот е јасен, државата ќе исплати повеќе од 10 милиони евра од буџетот народни пари за сето она ЃУБРЕ кое Комбинатите го имаат откупено. Овие пари ќе легнат во нечии џебови, но не кај чесните производители кои и понатаму ќе се радуваат во откуп во една класа.

Во пресрет на новата реколта, Министерот за земјоделство формира работна група за преговори за новата реколта составена од Сојузот на тутунопроизводители и откупувачите на која се надевам дека заеднички ќе изнајдат решение како да се заштитат производителите на квалитетен тутун кој треба да има повисока цена од моменталната и со самото тоа исто државата да го заштити брендот и идентитетот познат и признат во светот, пред овој криминал да земе уште поголем замав во следната производствена сезона.