Поранешниот играч на НБА, Бен Гордон, е уапсен под обвинение за поседување оружје и заканување, откако почнал да се однесува недолично во продавница за сокови во Конектикат, соопшти денес тамошната полиција.
„Инцидентот се случил во вторникот наутро, кога неколку лица пријавиле дека маж дејствувал агресивно и на бизарен начин во продавница за сокови во Стемфорд“, изјавил денеска помошникот началник на полицијата на Стемфорд, Ричард Конклин.
Човекот, идентификуван како Бен Гордон, продолжил да дејствува насилно кога полицајците пристигнале и се обиделе да го приведат.
Полицајците на крајот го совладале Гордон и го уапсиле. Тие пронајдоа преклопен нож закачен на џебот на Гордон и пиштол за шокирање.
Гордон бил уапсен под обвинение за носење опасно оружје, закани и попречување на полицијата.
Поранешната кошаркарска ѕвезда, која играше за Чикаго, Детроит, Шарлот и Орландо, беше приведена во полиција, а потоа однесена во болница на проценка на менталното здравје.
Гордон бил ослободен во вторникот вечерта со кауција од 10.000 долари.
Ова не е прво апсење на Гордон, откако во октомври минатата година беше обвинет дека го удрил синот на аеродром во Њујорк. Во ноември тој беше обвинет за прекршок во Чикаго.