УАПСЕНИ 80 ПЕДОФИЛИ! Меѓу нив наставници и тренери – успешна полициска акција во Франција

Во координирана акција на француската полиција спроведена низ целата земја, уапсени се 80 лица осомничени за педофилија, соопшти француската полиција.

Меѓу уапсените има престапници од сите општествени и професионални групи – двајца учители, спортски тренери, возач на брза помош и надзорник на дом за деца со попреченост.

– Беа извршени апсења во 53 француски департмани, вклучително и две прекуморски територии. Апсењата не беа само на Корзика. Уапсени се од речиси сите општествени класи – потврди полицискиот комесар Квентин Беван, координатор на операцијата и шеф на оперативниот центар на полициската единица Офмин, формиран оваа есен за борба против насилството врз децата.

Според него, меѓу уапсените има лица на возраст од 30 до над 60 години, од локални избраници до невработени, меѓу кои и високообразовани лица, инженери, наставници, спортски тренери и други.

– Во криминалот против деца нема типичен профил на криминалец, ги наоѓаме сите општествено-професионални категории. За оваа огромна операција, со размери досега невидени во Франција, полицијата таргетираше луѓе кои се во редовен контакт со деца – изјави Беван.